Борел: Договорот Србија – Косово е усогласен и веќе нема „сакам – не сакам“

Залуден е секој обид да се доведе во прашање договорот меѓу Србија и Косово – договорот е усогласен, тој мора да се спроведе и нема простор за избор што се сака, а што не, изјави денеска високиот претставник на Европската унија за надворешни и безбедносна политика, Жозеп Борел во пресрет на министерски состанок во Брисел.

Според Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Борел рекол дека „договорот е целина“ и дека сите негови делови треба да се имплементираат.

„Внимателно ќе следиме кој спроведува, а кој не спроведува. Би ги советувал да не вперуваат прст во никого, туку да си ја завршат работата“, изјави Борел.

Шефот на европската дипломатија на 18 март во Охрид го модерираше трипартитниот состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, на кој беше договорен Анексот на Европскиот договор за нормализација на односите, а двете страни се согласија да се спроведат и применуваат.