Алтернатива: Круна на успехот на директорот на „Идризово“ Тахири е откривањето на тунелот

Партијата Алтернатива во одбрана на довчерашниот директор на затворот „Идризово“ – Шпенд Тахири како најзаслужен за откривањето на тунелот ископан од затвореници осудени на повеќегодишни робии.

„Вчерашната акција во затворот „Идризово“, што резултираше со откривање на тунел кој бил копан долго време за бегство на затворениците, е токму резултат на ангажманот на директорот на затворот кој е од Алтернатива, Шпенд Тахири. Да се каже дека директорот на затворот „Идризово“ е сменет како казна не само што е недолично, туку е и неблагодарно кон човекот кој до последниот ден на својата работа работел без ниту една афера и без ниту едно обвинение од никого за неговата коректна работа. За жал, повеќе благодарни за неговата работа се нашите меѓународни пријатели отколку нашите државни институции. Како и да е, токму благодарение на совесното менаџирање на затворската институција од страна на Шпенд Таири беа откриени, фатени и санкционирани безброј обиди за бегства и внесување на наркотични средства во затворскиот круг, вклучително и овој последниот, кој е круна на неговиот успех“, велат од Алтернатива.

Според партијата, акцијата во Идризово се подготвувал подолго време и ќе биде запишана како историски успех на директорот на затворот во Идризово.

„За жал, Министерството за внатрешни работи се кити со туѓи пердуви – сака да придобие од работата на некој кој и со жртвување на својот и животот, на своето семејство работел достоинствено и со најголема професионална совест во институција која можеби е најтешка за менаџирање во државата“, велат од Алтернатива.

Од партијата додаваат дека Тахири е сменет бидејќи е кадар на Алтернатива. Според опозициската партија, нарцисите од династијата на ДУИ и недостојните за договори од СДСМ се алергични на критики.

Од таму велат дека Шпенд не е виновен што двете партии ги уживаат последните денови од власта и дека состојба на паника ги тера да реагираат на штета на државните интереси.