Петровска: С. Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина
„Република Северна Македонија во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Нашите институции ги следат случувањата во и околу Украина поврзани со поставувањето на вооружените сили од страна на Руската федерација долж границата“. Ова за тв24 го изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Таа додаде дека земјава ги поддржува напорите на НАТО и ОБСЕ за надминување на тензичната ситуација.
„Поставувањето на вооружените сили од страна на Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување што ја намалува безбедноста на европскиот континент“ – рече Петровска.
Министерката за одбрана информираше дека Владата и релевантните институции се во целосна координација со цел заштита на безбедноста на македонските граѓани.
„Нашите институции во целост ги преземаат сите мерки за заштита на македонските граѓани. Во координација сме со релевантните институции задолжени за безбедноста на граѓаните во државата и надвор од неа“ – истакна Петровска.
Додаде дека со колегите од Владата се во постојано комуникација и се координираат сите активности кои како држава ќе се преземаат периодов.