Милорад Додик – српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина во интервју за шпанскиот „Ел Мундо“ рече дека „БиХ е пропаднат проект“ и оти најдоброто решение за земјата е „Бошњаците, Србите и Хрватите да се разделат на цивилизиран начин“.
„БиХ нема да може да опстане од истата причина поради која не преживеа Југославија. Во БиХ има три народи. Два од нив, Хрватите и Србите, се многу незадоволни. Муслиманите сакаат да создадат унитарна држава во која тие би биле доминантен народ. Нашата политика не е насочена кон отцепување. Зборуваме за друга можност, врз основа на оценката дека БиХ нема да биде успешна како држава. Ако е така, најдобро е да се разделиме на цивилизиран начин“ – рече Додик.
Тој нагласи дека Србите нема да „започнат војна за да се отцепат“, но повтори дека е најдобро да се разделат „ако не може да се живее заедно“.
Додик рече и дека БиХ постои како држава само поради притисокот од меѓународната заедница.
„Тоа е експеримент на странци. Првата работа што ја предлагам е странците да престанат да ја водат оваа земја бидејќи таа е единствената колонија што моментално постои во Европа. Нека не остават да најдеме консензус, ако е можно“ – нагласи Додик.