Колку повеќе луѓето, со тек на многу години, се изложени на стресови толку е поголема веројатноста дека кај нив ќе се појави чувство на ансиозност, вознемиреност и неизвесност. Во времето на Ковид бевме изложени на безбеој прашања и тоа остави последици кај луѓето, вели психологот Ирена Јовановска Стојановска на тв24.
Што се однесува до лажните дојави за бомби, оној кој тоа го прави ја остварил својата цел оти заканата е за места кои се сметаат за безбедно место – училиштата. Сега сите си поставуваат прашање дали училиштата се навистина безбедно место, вели Јовановска Стојановска.
-Многу пати се случува ова со дојавите за бомби, но и покрај тоа децата се прашуваат – што ако навистина експлодира бомба? Истите мисли ги споделуваат и родителите. Тие ги земаат децата од училиштата и воопшто се пореметува целиот живот не само на децата туку и на родителите. Голем е ефектот на ова што се случува сега, вели Јовановска Стојановска.
Според неа, оваа состојба ги надминува и капацитетите на наставниот кадар да се носат со товарот дека треба да спасат многу деца во дадена ситуација и тоа секако ги оптоварува како личности, како луѓе кои постојано живеат во траума дека нешто ќе се случи. Може да дојде до пореметување на сонот, психо-соматски симптоми, можеби панични напади, а понатаму ќе се појави сомнеж дека системот не успеал да ги заштити.
-И децата од седум години се свесни што е бомба и што може да предизвика, иако не можат да создадат целосна фантазија што стои за тоа. Прашањето: А ако пукне? постојано им стои над глава, појаснува психологот.
Таа предлага на помалите деца да им се создаде систем од постапи што децата ќе го спроведуваат за да имаат чувство дека нештата се под контрола. -Тоа она што можат да го направат наставниците. А во однос на нивното ментално здравје, како и менталното здравје на наставниците што честопати го забораваме БРО и МОН треба да посветат поголемо внимание. Здружението на психолози секогаш стои на располагање, вели Јовановска Стојановска.
-Кај тинејџерите сеедно колку и да имаат отпор кон училиштето, тоа е сепак место за кое научиле дека е некое безбедно место за нив. И наеднаш станува небезбедно место. Сега нивното бегање од училиште е всушност поддржано од нас. Тоа ќе има влијание и врз успехот, а пострашно врз знаењето кое нема да го имаат, вели психологот.