Мицкоски од Охрид: Предвремени избори час поскоро и една изборна единица!

„Подготвени сме и до Парламентот ќе доставиме измени на Изборниот законик, во кои што нема да има техничка влада односно сто дена губење време на граѓаните, туку ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена. Час поскоро треба да се случат предвремени парламентарни избори. Ова парламентарно мнозинство и владата на ДУИ администрирана од Ковачески се одржува на вештачки начин“. Ова е пораката што денеска од Охрид ја упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ –  Христијан Мицкоски.

Тој порача дека неговата партија не се противи да се оди на избори и со постојниот состав на владата.

„Ако се исплашени нека остане Спасовски министер за внатрешни работи, нека остане новиот министер за труд и социјала…Нема да има од опозицијата заменици во земјоделство, финансии, во информатичко општество, нека остане оваа влада каква што е и да одиме на предвремени парламентарни избори“ – рече Мицкоски.

Тој најави дека опозициската партија е подготвена да разговара и за воведување на една изборна единица.