Институтот „Крсте Мисирков“ го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот и срцето на нашата нација. Имаме должност да го негуваме, да го заштитиме како наше најголемо духовно и културно наследство, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Посочи дека Владата и Министерството за култура се посветени на оваа цел и неодамна е завршен капитален проект за дигитализација на лексичкиот материјал од картотеките на Институтот со што трајно се заштитени оригинални записи на македонски јазик.

-Годинава ќе добиеме и нов закон за употреба на македонскиот јазик со кој ќе ги зацврстиме механизмите на чување, негување, ширење и афирмација на стандардниот македонски јазик, рече министерката, додавајќи дека членовите на Советот за македонски јазик посветено и студиозно пристапиле кон изработка на квалитетно и модерно законско решение.

Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека во интензивната глобализација, на многу „мали“ јазици им се заканува исчезнување.

-Научниците препорачуваат архивирање и документирање на загрозените јазици. Ние не го сметаме македонскиот јазик за загрозен, но ги сметаме картотеките на нашиот Институт за непроценливо важни. Затоа, со финансиска поддршка од Владата и Министерството за култура, архивиравме пет милиони ливчиња со лексиколошки, ономастички, дијалектолошки и црковнословенски записи за сегашните и идните генерации, рече Јованова-Грујовска.