Владино-државна делегација денеска присуствуваше на одбележувањето на 4-ти февруари – денот на раѓањето на великанот и инспиратор на македонското револуционерно дело и државноста, Гоце Делчев, во црквата Свети Спас во Скопје.
Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки.
Пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратешки цели се подеднакво актуелни и денес. И се света обврска за секого, додека ја градиме Република Северна Македонија во Едно општество за сите граѓани и ја интегрираме, по најголемиот безбедносен сојуз, НАТО, што е веќе реалност и како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија, во семејството на европски народи и држави, соопштија од Владата.
Чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, на утринското официјално одбележување во црквата Свети Спас во Скопје помина во мирна и достоинствена атмосфера и во духот на пораките на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев.