Ковачевски: Отворени се нови можности за економијата и членството во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски, се обрати на годишната конференција „Година на нови можности“, што се одржува денеска и утре во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

„Можеме да ја поминеме секоја пречка, можеме да го решиме секој предизвик, има решение за секој проблем. Само ако останеме фокусирани на приоритетите. И тоа ќе продолжиме да го правиме. Пред нас е година на нови можности, за кои напорно работевме и за кои создадовме предуслови во текот на минатата година. Возможни се и потребни се нови чекори напред, за секого во нашата татковина. Можеме да имаме достоинствен квалитет на живот, според европски стандарди. Република Северна Македонија може и треба да биде дел од денешна Европа“ рече Ковачевски.

„Како претседател на Владата, сакам да истакнам дека во 2022 година, во услови на една од најголемите светски кризи во Европа, Владата успеа да ги заштити егзистенцијата и стандардот на граѓаните од енормните поскапувања на храната и на струјата, предизвикани од светската, економско-енергетска криза и војната која се води во Украина. Ги зголемивме минималната плата, просечната плата и пензиите. Помогнавме на компаниите да ги задржат вработените. Во кризната 2022-ра година за целиот свет, ние имаме и нови инвестиции во државата, со новоотворени работни места. Имаме и највисока реализација на капиталните инвестиции, највисоко ниво од осамостојувањето на државата“ порача премиерот.

Тој напомена „ја зголемивме минималната нето плата, во март 2022 година на 18.000 денари месечно. Тоа е за 3.000 денари повисока минимална плата, од претходната година во април, кога изнесуваше 15.000 денари. Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата, што ги донесовме, во 2023 година, согласно порастот на трошоците на живот, минималната плата ќе изнесува околу 20.200 денари. Покачена е и просечната нето плата, на 33.000 денари во месец ноември 2022 година, според податоците на Државниот завод за статистика. Тоа е за 4.000 денари повеќе од претходната година во истиот месец, кога изнесуваше 29.000 денари. Покачувањето на минималната плата, извесно ќе влијае и на понатамошно зголемување на просечната плата. Ги покачивме и пензиите во 2022 година и обезбедивме редовна и предвремена исплата, а следува и ново покачување во оваа година. Околу 330 илјади пензионери во државата веќе земаат повисоки пензии почнувајќи од ланската септемвриска пензија. Пензиите, во 2022 година пораснаа за 10 проценти, што е историско покачување на пензиите и тоа за период од само една година“.

„Ги почнавме преговорите со целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет и тоа е веќе кристално јасно. За сите надвор, се надевам и за сите добронамерни дома. Македонскиот јазик е признаен и прифатен рамноправно меѓу европските јазици, за што конкретен доказ е веќе потпишаниот договор со ФРОНТЕКС. Наша работа е да ги штитиме националниот идентитет, стабилноста и безбедноста на државата и да го овозможиме напредокот. Ние тоа го правиме“ вели Ковачевски.