Софија веќе готви нова декларација. Комисијата за надворешна политика на Бугарија усвои докумет со кој се осудуваат, како што пишува, актите на насилство врз Бугарите во Македонија. Нивните организации и клубови, вклучително и нападот врз Пендиков. Декларацијата содржи девет точки во кои се бара преземање систематски мерки од сите институции за откривање и санкционирање на сторителите.
Во членот 7 се наведува дека:
-Се отфрлаат лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на Македонија и се прифаќаат како намерно влевање омраза против Бугарија и Бугарите.
Во членот, 5, пак, се вели:
-Ескалацијата на антибугарската кампања во Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, развојот на демократските процеси и институции во Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што ги опслужува интересите на земјите од трети страни.
Токму од закана од трети страни лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, во последните настани во Македонија гледа обид земјава да биде втурнат под руско влијание.
-Се додека не ги најдат виновниците и не ги изведат пред лицето на правдата, ние ќе се залагаме тоа да се случи. Во секој случај, ова ги поткопува огромните напори што ги направивме за да ги натераме Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија. Меѓутоа, овде гледам обид за враќање на Македонија под руско влијание, намерно, и тоа се прави многу активно. Во никој случај не треба да бидете заведени.- Бојко Борисов, претседател на ГЕРБ