Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе забавува

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во разговор за Дојче веле очекува позитивни ефекти од монетарните мерки, но и конкретни фискални активности со фокус на најзагрозените во државата.

„По подолг период на ниска инфлација во глобални рамки, од втората половина на 2021 година се забележаа нагорни поместувања кај инфлацијата коишто продолжија забрзано и во 2022 година, кога во многу економии инфлацијата забележа историски високи нивоа. Одговорот на централните банки на се` повисоката инфлација, независно од тоа што таа по својата природа не беше класичен монетарен феномен, беше со постепено затегнување на монетарната политика, во почетокот со поумерени промени кај каматните стапки, а со оглед на подолготрајниот и подисперзиран карактер на инфлацијата, промените продолжија засиленo. Тековно се соочуваме со најсинхронизиран циклус на затегнување на монетарната политика во глобални рамки во изминатите 50 години“ вели гуварнерката.

На прашање колку промените во монетарната политика ќе делуваат на активноста во економијата, Ангеловска-Бежоска вели дека „Сите мерки коишто ги преземаме за да ја осигуриме стабилноста на девизниот курс, како наше номинално сидро и за да ја стабилизираме инфлацијата се токму преку поддршка на попредвидлив и стабилен амбиент којшто ќе биде поволен за среднорочен раст на економијата. Општо е познато дека инфлацијата го намалува реалниот расположлив доход на домаќинствата, особено на оние со пониски примања, ја зголемува неизвесноста и со тоа неповолно делува и на потрошувачките и на инвестициските одлуки, односно на амбиентот за раст. Оттаму, централните банки ширум светот му се посветени на враќањето на ценовната стабилност, на среден рок. Начинот и интензитетот на реакциите на централните банки зависи од природата на инфлацијата, односно од придонесот на одделните фактори коишто влијаат врз неа, од монетарната стратегија и инструментите со кои располагаат. Факт е дека затегнувањето на монетарната политика на краток рок значи затегнување на финансиските услови, но тоа се прави имајќи ги предвид и можните ефекти врз растот, но и врз финансиската стабилност. Сепак, клучен фактор за растот на краток рок се геополитичките случувања, а на среден и долг рок се структурните фактори, односно физичкиот капитал, човечкиот потенцијал и продуктивноста.

За 2023 година се предвидува од 8 до 9% инфлација.

„Факт е дека нашите проекции за инфлацијатаи за 2022 и за 2023 година се повисоки, и тоа не само од проекциите на Владата, туку и од проекциите на меѓународните финансиски институции. Но, според објавените податоци на ДЗС, остварувањето на инфлацијата за 2022 е во согласност со нашата проекција од 14,3% (остварувањето е 14,2%). Сепак, сите проекции се втемелени на одреден сет претпоставки и макроекономски модели за проектирање, така што директните споредби не се благодарни. Но, ако ги погледнете проекциите за инфлацијата за 2023 година на сите домашни и меѓународни институции, она што е заедничко е што сите предвидуваат значително забавување на инфлацијата во 2023 година и стабилизирање на историскиот просек од околу 2% на среден рок. Очекуваното забавување на домашната инфлација е во согласност и со намалувањето на глобалната инфлација, коешто се темели на претпоставките за стабилизирање на цените на примарните производи, натамошно намалување на застоите во снабдувањето, но и на затегнатите меѓународни финансиски услови коишто ќе ја намалуваат побарувачката. Сепак, ризиците за проекцијата, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната, и натаму се значително изразени поради неизвесните воени случувања во Украина, како и поради можните натамошни неповолни ефекти од пандемијата којашто се` уште трае, со што неизвесноста околу проекциите на инфлацијата и натаму е висока“ вели меѓудругото гувернерката во разговор за Дојче веле.