Љуљзим Баша – лидерот на албанската опозициска Демократска партија попладнево даваше изјава во Обвинителството во Тирана, во врска со случувањата пред и во седиштето на партијата во саботата. Тој обвини дека „Сали Бериша е главниот организатор на насилствата и за тоа мора да одговара пред правдата“.
„Сакам да го истакнам барањето што го упатив до органите на прогонот целосно да го расветлат случајот и одговорните да ги изведат пред лицето на правдата. Насилството беше оркестрирано, организирано и нарачано од Сали Бериша и група платеници и криминалци кои сочинуваат криминална организација. Демократите беа повикани да се користат како фасада, многу мал дел се одзваа на повикот, но се оградија од насилството. Она што се случува е една од најголемите штети што му се нанесуваат на нашето политичко семејство поради нескротливата себичност на Сали Бериша и преклопувањето на неговата лична мака со интересите на демократите и Албанците“ – рече Баша.
Според него Бериша одамна ја преминал црвената линија и обвини дека заедно со Еди Рама ја попречуваат работата на ПД.
„Црвената линија е помината одамна. Единствен инструмент за промена беше 25 април и тој одамна помина. Значи, сакаме час побрзо да се вратиме во битката што ја започнавме за враќање на легитимитетот и демократијата во Албанија. Нема ни трошка вистина во обвинувањата на Бериша дека сум соработувал со Еди Рама. Напротив двојката Бериша-Рама се помагаат меѓусебно и ја попречуваат ПД во нејзината работа“ – изјави Баша.