Никола Димитров – вицепремиерот за европски прашања во заминување рече дека не се кае за искажаните ставови на прес-конференцијата од пред два дена. Тој потенцира дека воопшто не молчел, ни додека бил во Владата.
„Не се каам и воопшто не молчев, ни додека бев во Владата. Не бев толку отворен, затоа што битката ја водев внатре“ – рече Димитров во интервју за „360 степени“.
За неговата изјава за која се крена голема врева – дека нема доверба во шефот на дипломатијата Бујар Османи околу решавањето на спорот со Бугарија, тој рече дека неговата проценка се темели на лично сведоштво на искажани ставови во рамките и на внатрешната координација, но и преку информации што ги добивал од министри и амбасадори на земјите-членки на ЕУ.
„Од таму ми се елементите и оценката. Настапите во јавноста се една работа, тоа што се случува зад сцената е друга работа“ – вели Димитров.
Димитров напомена дека неговите ставови во преговорите со Бугарија во многу наврати биле спротивни од оние на неговите колеги во Владата.