Бектеши: Обезбедени се дополнителни количества електрична и топлинска енергија од АД ТЕТО
„АД „ТЕТО“ ќе работи седум дена во неделата во период од 05 до 01 часот со полна моќност, а АД ЕСМ ќе го откупува вишокот на електрична енергија што компанијата нема да го продаде на слободниот пазар, за што утре ќе биде потпишан договор меѓу двете компании“. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за економија Крешник Бектеши.
Оваа одлука е донесена денеска на седница на Влада и ќе трае до крајот на месецот, но Владата има можност, доколку се укаже потреба, да ја продолжи бидејќи во земјава е прогласена кризна состојба во енергетиката.
„Цената по која АД ЕСМ ќе ја преземе дополнително произведената електрична енергија од производителот АД ТЕТО е 170 евра по мегават час и е производна цена на електрична енергија од комбинирана постројка за производство на електрична и топлинска енергија од природен гас со вкалкулирана продажна цена на природен гас во Република Северна Македонија за јануари 2022“ – изјави Бектеши.
Тој појасни дека во моментов, АД ТЕТО, согласно договорите што ги има со добавувачите, работи само од понеделник до петок со капацитет од 200 мегавати од вкупно инсталираните 227 мегавати, а во сабота и недела не работи воопшто.
„Со преземањето на електричната енергија од АД ТЕТО дополнително ќе се обезбеди производство и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија БЕГ со што ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со топлинска енергија на потрошувачите во Град Скопје и во исто време при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија“ – рече Бектеши.