Министерството за култура веќе започна активности за реконструкција и ревитализација на објектот на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик, изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета во Преспанскиот регион.
– Ќе се послужам со зборовите на големиот Конески и ќе кажам „Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски, ќе можеме да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“. И ова старо училиште во Љубојно, вековно огниште на употребата на македонскиот јазик, второ училиште во државава, каде по Втората светска војна започнува настава на македонски јазик, ја потврдува констатацијата на нашиот јазичен визионер Блаже Конески, но и вербата на Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов и низа други автори – дека активната употреба на македонскиот јазик е неговата најголема промоција. Тоа го знаеле и македонските учители кои образувале низа генерации на македонски, мајчин јазик. Го знаеме и ние денес, рече Ковачевски.
Со грижата за овие објекти, коишто се дел од нашето јазично и културно наследство, како што изјави премиерот, ја испраќаме пораката дека оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик дома и во светот.
– Денес јасно и гласно, во официјални изјави на европските лидери и на претставници на меѓународната заедница се употребува терминот македонски јазик. Македонскиот јазик е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици во Европската Унија, по неговото официјализирање во Обединетите Нации. Прв доказ за тоа е договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик. А и целокупното европско законодавство веќе се подготвува да се преведе и на македонски јазик. Во овој преспански крај, кога го потпишавме договорот со којшто се осигуравме да станеме членка на НАТО, со што ги осигуравме и територијалните граници на нашата татковина, се обврзавме на целосна заштита и на македонскиот јазик и на нашиот посебен македонски идентитет. И денес за сите е јасно дека ние го исполнуваме ветеното, рече премиерот.
Владата, како што нагласи Ковачевски, активно продолжува со посветеност кон нашето историско и културно наследство, што нè дефинира и нè определува како народ и како држава.
– Од преспанско Љубојно, денеска одиме и во ресенското село Курбиново, каде што се наоѓа еден од најзначајните споменици на културата, манастирската црква „Св. Ѓорѓи“, позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство и несекојдневен пример на византиската уметност од крајот на 12. век. Таму се реализирани неколку проекти за заштита и конзервација со што активно се работи на зачувување на ова огромно наше културно богатство. Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е веќе впишана на тентативната листа на УНЕСКО, што е прв чекор во процесот на впишувањето на едно добро на Листата на УНЕСКО на светско наследство, рече Ковачевски.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска по разгледувањето на старото училиште во Љубојно истакна дека сега училиштето е без покрив, со коров во својата внатрешност, но дека ќе го завршат она што го ветија, обновувајќи го местото кое е темел на нашиот културен и национален идентитет, а тоа е македонскиот јазик.
Според неа, заштитата и промоцијата на македонскиот јазик е клучна за македонскиот културен опстанок, а со отворањето на „Центар за промоција на македонскиот јазик“, на местото на старото училиште, оваа Влада со дела покажува кој вистински се грижи и кој е чувар на националниот и културниот идентитет.
– Знаеме кои сме, во која насока се движиме и што точно поседуваме, затоа и сме одлучни кога станува збор за вакви иницијативи, со кои ја дефинираме културата на нашето општество. Затоа преземаме обврска и одговорност да го чуваме, заштитуваме и да го оставиме културното наследство на идните генерации, како што ни го оставиле нам нашите предци, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
Министерката додаде дека за Македонците, особено оние од Преспа, урнатините од старото училиште се темелите на нашето образование на мајчин, на македонски јазик.
– Овие ѕидови, подигнати од рацете на нашите мајстори пред 116 години, издржале и војни и земјотреси и пожари и невремиња. И пак се тука, како сведоштво за нашата градителска укост и потсетник за нашиот пркос, за кој денес се оддолжуваме и оддаваме почит, истакна министерката за култура.
Старото училиште е во режим на заштита од 2020 година како дел од споменичната целина Љубојно. По неговото автентично обновување, овој монументален објект ќе биде Центар за промоција на македонскиот јазик, откако Владата на 119-та редовна седница ја усвои Информацијата за изработка на Проект за реконструкција и ревитализација на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно.
Старото училиште во Љубојно, на 15-ти ноември 1944-та заѕвоне за првиот час, за почеток на наставата на мајчин, македонски јазик и важи за училиште кое и неколку години потоа беше светилник за сите ученици од овој преспански регион.