Не сме во состојба и не можеме да ја поддржиме руската инвазија на Украина; за нас Крим е Украина, и Донбас е Украина, и така ќе остане, рече претседателот на Србија за Блумберг.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека ѝ е благодарен на Москва за поддршката во однос на Косово, но дека не ја поддржува руската инвазија на Украина.
Вучиќ, за кој Блумберг вели дека имал десетици средби со рускиот претседател Владимир Путин во претходните години и земал часови по руски јазик за да може да зборува со него на руски, рече дека со рускиот лидер нема разговарано „многу месеци“, пишува американската медиумска компанија.
„Ние во самиот почеток рековме дека не сме во можност и не можеме да ја поддржиме руската инвазија на Украина. За нас Крим е Украина, и Донбас е Украина, и така и ќе остане“, изјави Вучиќ за Блумберг во вторникот во Белград, пред да замине за Давос.
Блумберг наведува дека Србија со години економски се оддалечува од „руската орбита“ и дека Русија има удел од околу шест отсто во српската надворешна трговија, додека Европската Унија е убедливо најголем партнер.
Сепак, Србија сѐ уште се издвојува во Европа со односот кон Русија, наведува Блумберг и потсетува дека Ер Србија не ги откажала директните летови за Русија и дека многу Руси дошле во Белград од почетокот на инвазијата.
Вучиќ рече дека ѝ е благодарен на Русија за поддршката во однос на Косово и оти Србија не може да ги поддржи економските санкции против Москва.
„Бевме под санкции речиси десет години, всушност осум години, и не веруваме дека тоа е решението“, рече Вучиќ.
За решавањето на косовското прашање, тој рече дека е многу пореално да се оди напред со мали чекори, отколку да се очекува некој голем и брз договор, кој би вклучувал и признавање на Косово од Србија.
„Мораме со мали чекори да ја промениме ситуацијата на теренот, да изградиме доверба меѓу двете страни и потоа да видиме како можеме да пристапиме кон сѐ друго. Не треба да сонуваме за нешто што сите знаеме дека нема да се случи“, изјави Вучиќ.
За влезот на Србија во ЕУ, тој изрази уверување дека граѓаните на Србија, кога и ако тој избор ќе им биде ставен на референдум, ќе гласаат за влегување во Унијата.
Тој додаде дека, за да се случи тоа, ќе бидат потребни гаранции дека членството во ЕУ е реално.
„Знам дека ЕУ е нашиот пат. Нема други патишта“, рече претседателот на Србија.