Битиќи: Мора да ја намалиме стапката на инфлација, без притоа економијата да влезе во рецесија

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на годишната конференција со наслов: „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“ во организација на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија.

„Да, имаме таква економија бидејќи последните години ни потврдија дека е издржлива, отпорна и може да преживее и големи и непредвидливи кризи како ковид и оваа енергетска криза, но од друга страна недоволно бидејќи се уште сме увозно зависни и се соочуваме со недостаток на ресурси“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој се осврна на неколку краткорочни и долгорочни цели на кои мораме да се фокусираме доколку сакаме конкурентна и жилава економија која ќе носи кон развој.

„Имаме неколку краткорочни приоритети на кои работиме веќе од вчера, денеска, утре. Првата е намалување и одржување на стапката на инфлација, без притоа економијата да влезе во рецесија.

Вториот приоритет е енергетска стабилност и диверзификација, притоа не заборавајќи на социјалниот аспект или праведната транзиција, како никој не би бил оставен изложен на ценовен шок и незаштитен. На ова работиме посветено и резултатите се веќе видливи, да не ги повторувам ги спомена и премиерот во своето обраќање.

Сметам дека финансиската поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите треба да продолжи и следната година. Владата претходната година силно го помагаше стопанството што придонесе со одржување на економската кондиција и задржување на работните места, дополнително и инвестиции за зголемување на нивната конкурентност преку отворање на нови производни линии, унапредување на технологијата и инвестиции во истражување и развој. Справување со недостигот на работна сила е прашање кое ќе мораме да го отвориме следната година, затоа го ставам во краткорочни приорите но ќе премине во долгорочно размислување и развој на економијата“, истакна Битиќи.