Дадено е одобрение за истрага против поранешниот претседател Болсонаро

По упадот на приврзаниците на Болсонаро во владини објекти во Бразилија, дадено е одобрение за истрага против поранешниот претседател.

Главниот судија во Врховниот суд на Бразил, Александре де Мораес, се согласи со барањето на државниот обвинител да го стави деснопопулистичкиот политичар Жаир Болсонаро на списокот на осомничени кои ќе бидат под истрага за насилствата од минатата недела. Обвинителството го товари Болсонаро за „подбуцнување и духовно авторство“.

Тој е обвинет дека во вторникот (10.01) – два дена по немирите – објавил видео, кое набрзо потоа го избришал, во кое ја доведува во прашање законитоста на претседателските избори во Бразил во октомври, со што, како што се вели, јавно повикал да се изврши кривично дело. Обвинителството аргументира дека иако Болсонаро го објавил видеото по немирите, неговата содржина бара „целосна истрага за дејствијата на обвинетиот пред и по 8 јануари 2023 година“.

Според врховниот судија Де Мораес, лажните изјави на Болсонаро биле повторени на социјалните мрежи. Со нив, меѓу другото, им се негира легитимитетот на демократските институции. Како резултат на тоа, приврзаниците на Болсонаро биле поттикнати да ги напаѓаат претставниците на овие институции и да извршат „најтешки злосторства против демократијата и владеењето на правото“. Адвокатите на Болсонаро категорично ги отфрлаат ваквите наводи. Луис Игнасио Лула да Силва смета дека Болсонаро е директно одговорен за избувнувањето на насилството и го обвинува за подбуцнувањето на неговите подржувачи.Минатата недела илјади поврзаници на Болсонаро упаднаа во зградата на Конгреспт,Претседателската палата и седиштето на врховниот суд во главниот град каде направија големи штети.

Насилниците го истурија својот гнев поради изборната победа на Лула, кој тесно го победи Болсонаро во вториот круг и е на функцијата од почетокот на годината. Демонстрантите не го признаваат новоизбраниот претседател.

Болсонаро  не го призна својот изборен пораз и замина за Флорида два дена пред крајот на неговиот мандат. Во меѓувреме, во домот на човекот од доверба на Болсонаро и поранешен министер за правда Андерсон Торес е пронајден документ кој содржи планови за „корекција“ на изборните резултати. Торес исто така се наоѓа во САД.