Жан Митрев го објави интегрално интервјуто за ИРЛ

Со цел јавно, транспарентно и директно информирање на јавноста ја објавуваме целосната снимка од интервјуто на д-р Жан Митрев дадено за екипата на ИРЛ, изјавија од тимот на докторот обвинет за измама.

„Интервјуто што е поставено на Јутјуб каналот и достапно за гледање, е автентично, без никакви интервенции и монтирање. Ги содржи сите прашања и одговорите од д-р Митрев, целосните одговори без сечење, лепење и комбинирање на одговори од различни прашања како би биле извадени од контекст и ставени во функција на намерата на ИРЛ да се оцрни и обвини докторот.

На снимката јасно се гледа дека д-р Митрев е отворен да одговори и одговара на сите прашања и токму затоа бара неговите одговори да бидат објавени целосно без да се интервенира и без да се комбинираат одговори од различни прашања, со цел да се заштити вистината и фактичката состојба. Сепак сомнежите во намерите на ИРЛ и целта на правењето на овој документарец се потврдија затоа што токму тоа е направено во документарецот на ИРЛ, дадените одговори се сечени, лепени и комбинирани и вадени од вистинитиот контекст и ставени во друг, тенденциозен и далеку од вистината“ информираа од Клиниката „Жан Митрев“.