Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, на Божиќниот прием на Српскиот национален совет (СНВ) во Загреб, изјави дека е потребно да се унапредат односите помеѓу Хрватска и Србија и оти помирувањето мора да се заснова на факти и вистини.
Пленковиќ наведе дека Хрватска „била жртва на агресија“ од режимот на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ и додаде дека ова наследство е „тешко“ и дека ги „оптоварува односите Белград и Загреб.
– Хрватска беше жртва на агресијата на режимот на Милошевиќ и тој факт живее со нас, живее со семејствата на исчезнатите, со војници, ветерани, цивили. Тоа наследство е тешко, посочи Пленковиќ.
Тој додаде дека неговата Влада ќе направи се за да ги најде исчезнатите во војната во 90-тите години, но и да изгради „мостови на солидарноста“.
Пленковиќ им се заблагодари на претставниците на Српскиот национален совет и на политичките претставници на Србите во Хрватска за поддршката и лојалноста. Тој укажа на важноста од влезот на претседателот на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина, Томислав Жигманов во Владата на Србија, оценувајќи дека хрватското малцинство во Србија „доби нов живот“.