ЕСМ во 2021 година со загуба од 28 милиони евра

Загуба од 28 милиони евра регистрирала државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ во 2021 година. Ова следува откако една година претходно, во 2020 година, загубата на ЕСМ била ниво од близу 17 милиони евра, пишува Фактор.мк.

Овие податоци можат да се видат во финансиските извештаи кои државната компанија ги објави на Берзата вчера, иако станува збор за финансиски извештај од 2021 година.

Неодамна тој извештај беше одобрен и на владина седница, а дали тоа е причината што толку долго се чекаше на негово објавување, не е познато.

Ако во 2021 година, кога енергетската криза не беше толку разгорена, загубата била 28 милиони евра, се поставува прашањето со каков финансиски резултат АД ЕСМ ќе ја финализира тукушто завршената 2022 година, кога енергетската криза удри најсилно што можеше, а ЕСМ потроши многу пари за набавка на струја, како и на субвенционирана продажба, со цел да се намали колку толку ударот на клучните компании во земјава. Набавките на струја од надвор кога нема доволно од домашно производство се многу скапи, а за овие нбавки плаќа и државата, и тоа од буџетски средства.

Односно, со оглед дека ЕСМ е државна компанија, се претпоставува дека загубите ќе бидат надокнадени од буџетски средства.

Во извештаите е дадено и ревизорско мислење за билансите кои ги прикажува АД ЕСМ, па ревизорите токму големата загуба ја навеле како прашање кое треба да се нагласи.

„Без дад дадеме натамошни квалификации во нашето мислење, посочуваме внимание на белешката во финансиските извештаи која укажува дека друштвото оствари загуба во износ од 1.728.207 илјади денари (28,1 милиони евра – н.з) и 1.033.101 илјади денари (16,7 милиони евр – н.з) во 2020 година, кои се во најголем дел резултат на енергетската криза во светски рамки. Во 2021 година оперативното работење на друштвото се одржува и со субвенции од основачот РС Македонија. Овие услови укажуваат на постоење на материјална неизвесност, која може да наметне значајно сомневање за способноста на Друштвото да продолжи врз основа за претпоставката за континуитет“, се вели во ревизорското мислење.

Инаку, ЕСМ во 2021 година оствариле приходи од работењето од 10,3 милијарди денари, штон е раст во однос на една година претходно, но затоа оствариле и расходи од близу 17 милијарди денари, што е многу повеќе од расходите од една година претходно.

Од финансискиот извештај може да се види дека во 2021 година се значително намалени приходите од продажба на вишоци на електрична енергија, и тоа за дури 75 проценти.

Во 2021 година се малку намалени трошоците за плати и надоместоци на вработените и тие изнесуваат 3,44 милијарди денари, намалени се и трошоците за надоместоци и подароци за работниците, додека се зголемени дневниците за службени патувања, ноќевањата и патните трошоци.