Украинските сили во Донбас ги држат своите позиции против руските војници, а во некои области полека напредуваат, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака доцна во петокот и најави дека украинската воздушна одбрана ќе стане најсилна во Европа.
– Генерално, ние ги држиме нашите позиции. Има и некои области на фронтот каде полека напредуваме – рече Зеленски во ноќното видео обраќање.
Зеленски рече и дека Украина, изложена на руски воздушни напади, ги зајакнала своите противвоздушни способности и дека тие ќе бидат уште посилни во новата година, пренесува Ројтерс.
Украинскиот лидер верува дека украинската воздушна одбрана ќе стане најсилна во цела Европа, пишува dpa.
– Ова ќе биде гаранција за безбедност не само за нашата земја, туку и за целиот континент – рече тој.
Украинската воздушна одбрана веќе е во состојба да собори релативно голем број руски ракети и беспилотни летала, но поради обемот на нападот не е во состојба сите да ги запре.
Русите ја гаѓаат енергетската мрежа на Украина од октомври, предизвикувајќи прекини на електричната енергија и прекини во снабдувањето со вода.
Во петокот Зеленски зборуваше за „јасна стратегија“ за обезбедување на производство и дистрибуција на електрична енергија.
– Потребен е многу труд, но ќе успееме. Ова е една од најважните задачи за следната година и не се сомневам дека ќе ја надминеме – нагласи тој.
Русија, исто така, ја нападна Украина долж линијата на фронтот од воздух во петокот, еден ден откако таа истрела десетици проектили во бараж напад врз критичната инфраструктура.
Сирените за воздушен напад се огласија во текот на ноќта во петокот во Киев, а новинарите на Ројтерс слушнаа неколку експлозии и звук на воздушна одбрана јужно од градот.