КОП27 донесе значаен напредок во борбата против климатски промени, но и фрустрирачки застој

На Конференцијата за климата на ОН КОП27 (COP27), која во ноември се одржа во Египет, се направи чекор во позитивна насока кога станува збор за фондот за загуби и штети, но поради неуспехот на светските лидери да се договорат за поамбициозни мерки за намалување на емисиите со цел да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени, светот сè уште се соочува со катастрофални последици.

КОП27, наречен „африкански КОП“ и „Имплементациски КОП“, ги зголеми очекувањата дека одлуките од претходните конференции, кои ги одразуваат потребите и приоритетите на најранливите земји, ќе почнат да се спроведуваат. Но, повеќето нешта останаа само на очекувања.

Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени во 2022 година (27-та конференција на страните) во Шарм ел Шеик, Египет заврши на 20 ноември со договор за создавање фонд за климатски „загуби и штети“, што претставува огромна победа за климатски ранливите земји и земјите во развој.

Конференцијата во Шарм ел Шеик понуди можност светот да се фокусира на важноста од постигнување климатска правда, и на крајот, земјите се согласија да создадат фонд за загуби и штети. Ова е навистина голем чекор напред за способноста на земјите во развој да се справат со економските и еколошките влијанија на климатските промени, како и да ги поддржат ранливите заедници кои се најпогодени од екстремните временски настани предизвикани од климатските промени. Сепак, воспоставувањето на конкретен механизам за овој фонд ќе биде од клучно значење за да се осигура дека засегнатите страни ќе ја добијат вистинската помош, а воедно да се намалат одложувањата во исполнувањето на ветувањата и обврските за финансирање.

По две недели тешки преговори, дипломатите и делегатите за климата го напуштија Шарм Ел Шеик, кој собра повеќе од 35.000 луѓе од целиот свет за да размислуваат за важни активности за справување со климата. Десетици национални павилјони, привремени конгресни згради и празни хотели беа сведоци дека светот бил таму. Но, со каков резултат? Соочени со зголемените климатски опасности, КOП27 се одликуваше со значаен напредок и фрустрирачки застој.

Историски исчекор

Како што веќе стана традиционално на глобалните состаноци за климата, во Шарм ел Шеик се работеше прекувремено. Учесниците ја продолжија за еден ден Конференцијата, се со цел да се дојде до некаков договор. За среќа, тие дополнителни часови работа доведоа до историски договор за формирање фонд за загуби и штети за најранливите нации од климата. Надоместокот за загубата и штетата поради климатските промени беше можеби најтешкото прашање во Парискиот договор.

Со години, западните земји, историски најодговорни за повеќето емисии на стакленички гасови, ја блокираа дискусијата за да избегнат создавање потенцијален преседан за финансиската одговорност. На КОП27, овие нации се откажаа од своите приговори и се согласија да создадат фонд за загуби и штети. Сепак, остануваат прашањата за тоа како ќе се конфигурира фондот, како ќе се финансира и кои побарувања ќе бидат прифатливи.

Како и во претходните години, учесниците изразија загриженост за реализација на обврските за финансирање на климата, особено за адаптација. КОП15 испорача само една четвртина од својата посветеност да обезбеди 100 милијарди долари годишно на земјите во развој за адаптација.

КОП27 го врати фокусот на критичното прашање на климатската адаптација. Помалку од 20 отсто од финансирањето за климата ги поддржува напорите за адаптација и отпорност. Според Извештајот за јазот при адаптација (АГР) на Програмата за животна средина на ОН (UNEP), финансирањето за адаптација е 5-10 пати под потребното. Нациите се согласија да го ревидираат (и веројатно ќе го зголемат) обемот на финансии за адаптација следната година. Други светли точки за адаптацијата вклучуваа дополнително финансирање за Фондот за адаптација на ОН, кој им помага на заедниците да се прилагодат на климатските промени и создавањето на Агендата за адаптација, фокусирана на конкретни проекти за градење отпорност.

Конечниот текст на КОП27, исто така, вклучуваше повик за „трансформација на финансискиот систем и неговите структури“. Се гради моментум за да се реформира Светската банка и другите развојни финансиски институции за да одговорат на климатскиот предизвик. Еден предлог за реформи дојде од Иницијативата Бриџтаун на Барбадос, која претстави визија за глобални финансии што обезбедуваат помош по климатските катастрофи, ги поддржуваат напорите за адаптација и ублажување и избегнува осакатување на ранливите земји со долгови.

Уште нешто друго првпат се случи на климатскиот Самит – на КОП27 беше експлицитно признаена потребата од решенија засновани на природата и правото на здрава животна средина. Климатските промени ја забрзуваат загубата на природата и биодиверзитетот и ги влошуваат глобалните нееднаквости. Вклучувањето на овие ставки во финалниот текст потврдува дека климатските промени се нераскинливо поврзани со други глобални предизвици и дека климатските решенија мора да се справат и со нив.

За првпат во својата 27-годишна историја, Конференцијата посвети еден ден на темата земјоделство. Клучен исход беше лансирањето на иницијативата Храна и земјоделство за одржлива трансформација. Иницијативата има за цел да го подобри квантитетот и квалитетот на финансиските придонеси за климата за трансформирање на системите за земјоделство и храна до 2030 година.

Повторно беше препознаена улогата на недржавните актери – особено младите, локалните заедници, домородните луѓе, градовите и граѓанското општество. Сите играат важна улога во поттикнувањето на владите да ги исполнат своите ветувања.

Пропуштени можности

Пред КОП27 во Шарм Ел Шеик, УНЕП го објави својот годишен Извештај за јазот на емисиите (EGR), покажувајќи колку е далеку светот од нашата цел за загревање не поголемо од 1,5 степени. Проценката беше мрачен потсетник дека емисиите целосно се вратија на речиси рекордните вредности, откако за време на пикот на Ковид пандемијата прилично се намалија. Понатаму, и покрај новите нето-нула обврски во Глазгов (КОП26), според сегашните владини политики, светот сè уште треба да забележи зголемување на емисиите на јаглерод диоксид (CO2) за околу 10 проценти до 2030 година. Спротивно на тоа, траекторијата од 1,5 степени е неопходна за да се ограничат најлошите влијанија од климатските промени, и потребно е емисиите на CO2 да се намалат за околу 45-50 отсто до 2030 година. На само осум години до 2030 година, требаше да се решат празнините во климатските амбиции и активности во Шарм Ел Шеик.

Преговарачите во Шарм Ел Шеик имаа намера да го надградат Глазгов преку посветување дека пикот на глобалните емисии ќе биде до 2025 година, што е од суштинско значење за да се избегне согорување на преостанатиот буџет за јаглерод. Сепак, оваа заложба беше отстранета од финалниот текст. Финалниот текст, исто така, директно ги посочи и фосилните горива. Конечниот текст на КОП26 повика на надолен тренд во употребата на јагленот. На КОП 27, Индија се обиде да го прошири овој „надолен тренд“ за сите фосилни горива. Овој предлог беше одбиен. Како резултат на тоа, конечниот договор на КОП27 за фосилни горива остана непроменет од КОП26.

Дури и без напредок во зајакнувањето на глобалните обврски за ублажување и намалувањето на фосилните горива, поединечните нации би можеле да ги забрзаат сопствените напори за декарбонизација. Пактот од Глазгов на КОП26 побара од сите нации да ги „повторат и зајакнат“ своите климатски ветувања пред крајот на 2022 година. За жал, само околу 30 нации, што претставуваат 20 отсто од глобалните емисии, всушност ги ажурираа своите ветувања.

Наспроти потребата да се спроведе брза акција за ублажување, КОП27 потфрли. Онаму каде што беше постигнат напредок, повеќето одлуки за имплементација беа одложени до КОП28. На пример, обврзувачките барања за подобрување на транспарентноста и намалување на двојното броење на пазарите на јаглерод беа наведени во КОП27, но не беше постигнат формален договор. Овие прашања со пазарите на јаглерод ќе треба да се решат на КОП28.

Дури и во врска со главното обележје на КОП27, за обврските за надомест на загуба и штета, останува нејасно како ќе се финансира фондот за загуба и штета. Исто така, останува нејасно кои нации ќе треба да уплатуваат во фондот и како ќе се одредат нивните соодветни обврски. За ранливите нации, сè уште останува да се види кои нации ќе добијат овластување да користат средства од фондот и што би ја „квалификувало“ државата да добие такви финансии. Со оглед на тоа што овие критични области сè уште се обвиени со несигурност, преговорите за загуба и штета може да имаат долг пат пред да се исплати првиот долар.

Чекајќи го КОП28

Како што вели клишето, „крајот на еден КОП е почеток на подготовките за следниот“. Затоа, земјите и недржавните актери ќе треба да се прегрупираат, да ги проценат клучните резултати од КОП27 и да ги идентификуваат приоритетите за КОП28.

Нивните приоритети сигурно треба да вклучуваат дизајнирање и операционализација на фондот за загуби и штети, финализирање на воспоставувањето на целта за адаптација и унапредување на нов квантификуван процес за финансирање на климатските цели.

Исто толку важно, тие ќе очекуваат реализација на обврските за финансирање на климата и подобрени цели за намалување на емисиите преку националните утврдени придонеси и други билатерални и мултилатерални напори на сојузот.

Потребна е зголемена акција за климатските промени од владите, финансиските институции, корпорациите и општествата. Само заеднички напори за ограничување на емисиите и забрзување на отпорноста на климата ќе одговори на предизвикот. КОП27 беше исполнет со ветувачки дискусии, па дури и со некои значајни обврски. Сепак, практичните детали остануваат слаби, особено околу намалувањето на емисиите, загубите и штетите и финансиите за адаптација. Со КОП15 за биодиверзитетот во Монтреал кој внимателно го следи климатскиот КОП27, постои одлична можност да се унапредат решенија за климата и природата. Фокусот од сега до КОП28 ќе треба да биде ставен на претворање на договорите, постигнати на високо ниво, во конкретни активности кои ги намалуваат емисиите и ги штитат луѓето и планетата.

Иако КОП27 беше „рекламиран“ како „КОП за имплементација“, потребна е многу повеќе имплементација за да нè постави на вистинскиот пат за нашите климатски цели.

Како што порача генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, „Нашата планета сè уште е во собата за итни случаи, а човештвото е на автопат до климатскиот пекол со ногата на педалот за гас“,

Затоа, ние мора итно и смело да дејствуваме за да го спасиме постоењето на човештвото сега и за генерациите што доаѓаат.