Јавна расправа за предлог подзаконските акти за снабдување со природен гас

Презентација на новите предлог подзаконски акти и изнаоѓање на најсоодветни решенија со цел од 1 јануари идната година да профункционира пазарот на природен гас во земјава подинамично и со зголемена конкуренција, како што функционира во земјите членки на ЕУ, е целта на денешната јавна расправа организирана во рамки на подготвителната седница на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за новите правила за снабдување со природен гас.

По евентуалната имплементација на забелешките на подзаконските акти за снабдување со природен гас од денешната расправа, РКЕ во текот на следната недела на седница треба да ги одобри новите правила кои ќе стапат на сила од 1 јануари. Нивната изработка е почната уште од септември годинава и со тоа благовремено биле запознаени сите засегнати страни, особено од октомври кога е потпишан договорот меѓу ГА-МА и Булгартрансгас за зголемување на капацитетот на гасоводот за нови 500.000 нормални кубни метри на досегашните 800.000 нормални кубни метри кои до 2030 година целосно ги имаше закупено руски Гаспром. На бугарска страна веќе се пријавиле две компании заинтересирани за дистрибуција на гас во земјава.

-Тука сме сите да најдеме најсоодветни решенија со цел пазарот на природен гас да профункционира од 1 јануари подинамично и со зголемена конкуренција.  Испораката со природен гас и од 1 јануари треба да продолжи. Ќе постојат нови правила во коишто ќе бидат имплементирани и вашите забелешки. Значи, целта не е на некој да му се нанесе штета, туку ова е еден инклузивен процес во којшто ќе ги избереме најдобрите решенија.  Притоа ни трговците, ни снабдувачите со природен гас од една страна да не преземаат ризици на коишто не можат да влијаат и исто така и до потрошувачите ќе се испрати сигнал да водат сметка во однос на својата потрошувачка на природен гас, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Нагласи дека сите добронамерни забелешки ќе бидат прифатени и доколку постојат одредени ризици за трговците и снабдувачите со природен гас тие ќе бидат отстранети со единствена цел пазарот на природен гас од 1 јануари да продолжи да функционира со зголемена конкуренција во интерес на потрошувачите и, како што рече, во крајна линија тоа да овозможи намалување на трошоците и на цените на пазарот за природен гас до крајните потрошувачи.

– Во целиот овој процес имавме сериозна поддршка од ЕК, од Секретаријатот на ЕЗ од којшто добивме и допис дека апсолутно го поддржуваат овој процес и од САД чиишто експерти преку УСАИД ги изготвија сите овие подзаконски акти коишто се денеска на разгледување за ГА-МА и за НЕР.

Според тие податоци коишто ги имаме, додаде, приватниот сектор којшто го користи природниот гас во најголем дел се придржува до својата најавена потрошувачка.

-Имаме одредени државни институции коишто не внимаваат и тие што не внимаваат ќе бидат казнети, но не на сметка на останатите потрошувачи или, пак, на останатите учесници на пазарот со природен гас, а тоа се пред се трговците и снабдувачите со природен гас, посочи Бислимоски.

Директорот на АД НЕР, Бајрам Реџепи појасни дека ако еден потрошувач за денеска има најавено дека ќе потроши 10 илјади кубни метри до крајот на денот, а потрошил 11 илјади кубни метри, според новите правила првите 10 илјади метри кубни ќе ги плати по цената што е во договорот, а другите со повисока цена.

-Според новиот правилник тој другиот дел  од гасот што го потрошил влегува во балансниот гас. Балансниот гас од прилика ќе биде поскап за околу 10 отсто и тој на крајот на денот ќе одлучи дали е прифатливо да плати 10 отсто повеќе или ќе го исклучи да чека наредниот ден, посочи Реџепи.

Нагласи дека со новите позаконски акти никој нема намера никого да оштети.

-Напротив, Владата сака да обезбеди континуирано и непречено снабдување со природен гас и тоа да го овозможуваме од повеќе извори. Ние немаме никаков проблем да се продолжи снабдувањето од страна на Гаспром, но мора да се подготвиме и беше направен Акционен план од страна на ЕК за да имаме алтернативни можности за снабдување. Една од главните задачи беше да се овозможи низ тие цевки да помине и друг гас и Булгартрансгас презеде обврска да зголеми капацитетот на компресорската станица на нивна страна и тие тоа го направија. Ние склучивме договор на 30 октомври во Софија со кој се проширува капацитетот на пренос за околу 500 илјади кубни метри на ден, рече Реџепи.

Досега, додаде, во гасоводот се транспортираше само гас со иста калорична вредност, а сега ќе може да се транспортира и со друга калорична вредност.

-Ако досега имаме ситуација кај што влегува ист гас со иста калорична вредност ни беше многу едноставно и не требаше никакви подзаконски акти, никакви менувања на правилата во нашиот пазар. Во првиот случај кога ќе влезе друг гас во државата којшто има друга калорична енергетска вредност секако дека не може да се мерат само во кубни метри бидејќи тоа неминовно бара и киловат часови. Тоа беше една од причините што АД ГАМ-МА почна од пред неколку месеци да ги изготвува подзаконските акти со кои целосно се регулира начинот на функционирање на пазарот на преносот на природен гас. И апсолутно овие подзаконски акти беа во склоп со Законот за енергетика, во склоп со директивите на ЕУ, беа вклучени најдобрите експерти во државата на изготвувањето и апсолутно нема никаков проблем овие акти да се применливи од 1 јануари 2023 година, потенцира Реџепи.

Со тоа, посочи, овозможуваме од 1 јануари освен досегашните добавувачи во државата да донесат природен гас и други, но секако дека апсолутно се остава можноста и сегашниве добавувачи да го снабдуваат нашиот пазар на природен гас.

-Значи, во никој случај нема никој да биде оштетен и секако дека ќе можат и сегашниве снабдувачи и трговци да работат, но секако под нови правила бидејќи тоа го наметнува и начинот – новите правила за пренос на природен гас во државата.  Апсолутно нема никаква лоша намера во ова. Никој не сака никого да оштети. Напротив, сакаме да воведеме можност да се користат повеќе извори на природен гас и секако дека тоа ќе биде возможно и применливо од 1 јануари наредната година, посочи Реџепи.