Србија ќе обезбеди струја и гас од Азербејџан, Вучиќ имаше средба со Алиев

Александар Вучиќ, кој е во посета на Азербејџан изјави дека во областа на енергетиката има многу простор за соработка со Баку и дека веќе се водат разговори за тоа како во Србија да се изградат преносни системи за да може да се добие електричната енергија што преку подводни кабли ќе стигне до Романија и Унгарија.

Вучиќ обраќајќи им се на новинарите по средбата со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, рече дека тие разговарале како Србија, преку интерконекторите што ќе се градат со Бугарија и Северна Македонија, може да пристапи и до азербејџански гас.

Тој изјави дека со Азербејџан се отворени нови полиња за соработка, односно заедничко дејствување во меѓусебниот трансфер на технологија во воената индустрија.

Вучиќ рече дека новото поле на соработка подразбира дека со некои производи на кои двете земји заеднички би работеле во иднина, би можело да се излезе на трети пазари.

Тој додаде дека имал многу плодна дискусија со азербејџанскиот министер за воена индустрија и со луѓето од одбранбениот сектор и посочи дека Србија произведува некои добри оружја и дека е подготвена да види со Азербејџан како да се модернизира и подобри сето тоа за да може да биде во чекор со сите други во светот и „за да можеме да бидеме самите на себе доволни“.

Алиев посочи дека сака билатералните односи брзо да се развиваат и нагласи дека Азербејџан и Србија се стратешки партнери и дека двете земји секогаш ги поддржувале суверенитетот и територијалниот интегритет и меѓународното право.

Тој рече дека двојните стандарди во меѓународните односи се „прилично проблематични“ и дека меѓународното право треба да биде норма за сите земји.

Алиев додаде дека ќе се зголеми трговската размена меѓу двете земји, особено во сообраќајот и транспортот, бидејќи низ двете земји поминуваат големи коридори.

-Енергетиката е дел од нашата агенда и во тоа се придава исклучително значење во соработката, природниот гас и енергетиката се области во кои имаме големи можности за соработка, изјави Алиев и најави дека Азербејџан ќе извезува струја во Србија од почетокот на 2023 година.