„Кога САД интервенира во внатрешни работи на сојузничка држава, тоа може да се оствари само преку еден пример, има коруптивни случаи од високата политика кои се заташкаа. Мислам дека со овој нивен обид за интервенција, сакаат да го срушат ѕидот на коруптивна одбрана на еден фронт, високиот. Па потоа македонското општество треба да си ги тера работите“ вели Денко Малески, поранешен министер за надворешни работи и амбасадор во ООН во најновото издание на Трилинг.
Малески вели дека „се бега од една многу тешка задача – како ние да се справиме со корупцијата. Мораме да направиме систем кој ќе стави контрола, длабочински анализи никогаш не правиме во македонското општество. Демократијата ја доживеавме како десант, не како една осмислена концепција, па сега треба да се оди кон тоа како да се воспостави контрола врз темната страна на човековото поведение“.
„САД зборуваат не само за екцеси, туку за целото македонско општество како корумпирано. Ние корупцијата ја врзуваме со мито, а всушност корупцијата е нечесно поведение од позиција на моќ, за лична корист на сметка на други. Навистина нашето општество е корумпирано“ смета Малески.
Професорот со став „можно ли е луѓе од Правен факултет да не се сметаат одговорни за квалитетот за судиите, адвокатите. Но она кога велиме коруптивно поведение, тоа е на сметка на студенти, на квалитет, кој никогаш не е тема на разговор. Ние сме дел од таа ориентална традиција, клопчиња кои никогаш не можеме да ги размоткаме“.
За случајот „Маџар телеком“ во се споменува сума од 2.5 милиони евра провизии, Малески вели „дел од таа коруптивна зделка се префрли и во САД. Корупцијата од Македонија завршува во Америка и практично ние делуваме како еден вид зараза“.
„Не дека корупцијата ќе исчезне, но зошто исчезнала борбата против корупцијата, е вистинското прашање“ вели Малески и напоменува „треба да се работи на свеста на луѓето дека таквото поведение го руши политичкиот систем. Во отсуство на институционални пречки, најстрашните форми на егоизам излегоа на виделина“.
На прашање дали може да се стигне до договор со Бугарија на принцип на реципроцитет, Малески вели:
„Надворешната политика е многу опасна сфера. Тука интересите се многу битни, и фактот дека пливаат и китови и сардини. Гневот на една мала земја кон надворешен притисок не треба да ја парализира кон барањето решенија. Да се принуди другиот да го направи она кое не би го направил ако нема принуда. Ние премногу време изгубивме не разбирајќи ја надворешната политика. И по грчкото искуство, ние исто се однесуваме. Не велиме – 25 години не научивме лекција. Доволно е да се погледне примерот и да се научи, треба храбро да тргнеме во проблемот со соседите, да не го повториме доцнењето како што беше со Грција“ смета Малески.
Малески за решавање на целата ситуација вели „бугарската тема е слична со грчката, стана дел од домашната политика. Нула координација меѓу власта и опозицијата. На опозицијата не и е важно да го реши прашањето, само за лична ќар се работи, сака да дојде на власт на сметка на други, а тие други е народот“.
Црвената линија од која нема отстапки со Бугарија, според професорот, е тоа што светот ја признава македонската нација, јазикот.
„Доаѓаат тука да им веруваме, со тоа сме си ја обезбедиле сегашноста и иднината. Е сега, ние сме заглавени во минатото“ вели Малески.