13 убиени и 353 ранети полицајци во немирите во Казахстан

Цела недела насилни немири во Казахстан, со десетици загинати по протестите кои избија во текот на викендот во градот Жанаозен во западниот регион Мангистау, богат со нафта.

Немирите се проширија и во регионалниот центар Актау на брегот на Каспиското Море.

Во вторникот, илјадници демонстранти бесни од поскапувањето на цената на гасот излегоа на улиците на Алмати, најголемиот град, при што полицијата употреби солзавец и шок-бомби.

Истата ноќ, претседателот Касим-Жомарт Токаев воведе вонредна состојба во градот и во немирниот запад, откако рече дека ќе ја намали цената на ТНГ во обид да ги смири демонстрантите.

Токаев вчера го разреши својот кабинет во обид да ги спречи невидените немири, но демонстрантите повторно се собираа, блокирајќи ги патиштата и упаднаа во седиштето на локалната власт во Алмати.

Кабинетот на градоначалникот и претседателската резиденција во градот подоцна беа оставени во пламен.

Интернетот и мобилните телефонски мрежи се прекинати, а вонредната состојба се проширува низ целата земја. Токаев ги обвинува демонстрантите за „масовни напади врз органите на редот“ во кои има загинати и многу повредени, и тврди дека земјата е нападната од „терористички“ групи.

„Имам намера да се однесувам што е можно построго“ – рече тој.

Доцна вчера, претседателот апелираше за помош за задушување на протестите од Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Москва. Видеата на социјалните мрежи покажуваат ограбени продавници во Алмати и пукотници на улиците.

Во телевизиско обраќање денеска, Токаев рече дека „терористите“ заземаат згради, инфраструктура и оружје и се борат со безбедносните сили.

Полицијата соопшти дека убила „десетици“ демонстранти во текот на ноќта додека се обидувале да заземат владини згради и полициски станици.

Тринаесет полицајци за безбедност се убиени — од кои двајца обезглавени — а 353 се ранети во немирите, јавуваат локалните медиуми.

Тамошното Министерство за здравство соопшти дека 1.000 луѓе се повредени.

Полицијата во Алмати денеска соопшти дека привела околу 2.000 луѓе во масовните протести додека претседателот на Казахстан, Касим Жомарт-Токаев нареди да се формира истражна група која ќе ги утврди причините за немирите во земјата.