Министерот за надворешни работи на Белорусија, Владимир Макеи, почина на 65-годишна возраст, јавија руски и западни медиуми, повикувајќи се на белоруската агенција „Белта“.
Информациите за смртта на белорускиот министер за надворешни работи ја соопшти портпаролот на Министерството, Анатолиј Глац, пренесе ТАСС.
Во исто време руската агенција наведува дека не можела да добие официјална потврда за таа информација.
Ројтерс, објавувајќи ја веста за смртта на белорускиот министер за надворешни работи, ја објави и реакцијата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Шокирани сме од извештаите за смртта на шефот на Министерството за надворешни работи на Белорусија, Владимир Макеи“, објави Захарова на каналот Телеграм и најави дека „наскоро ќе биде објавено и официјално сочувство“.