Столтенберг: НАТО нема да ја повлече помошта за Украина
НАТО ќе продолжи да стои покрај Украина и да помага се додека тоа е неопходно и нема да отстапи од тоа, изјави денеска генералниот секретар на западната воена алијанса, Јенс Столтенберг.
Столтенберг, говорејќи за претстојната конференција на дипломатите на НАТО следната недела во Букурешт, најави дека главна тема и понатаму ќе биде руската агресија врз Украина.
„Ќе се справиме со илегалната војна на Русија во Украина, која продолжува да ги загрозува евроатлантскиот мир и безбедност. Претседателот Владимир Путин доживува неуспех во Украина и тој реагира сè побрутално“, рече тој на прес-конференција.
Тој посочи дека има се повеќе бранови на ракетни напади врз градовите и цивилната инфраструктура, со цел да се прекине снабдувањето со електрична енергија.
„Ова е ужасен почеток на зимата за Украина. Ова се исто така тешки времиња за остатокот од Европа и светот. Сите ние ја плаќаме цената за војната на Русија против Украина. Но цената што ја плаќаме е во пари, додека цената Украинците плаќаат во крв“, подвлече Столтенберг.
Тој рече дека ако му се дозволи на Путин да победи, цената за се ќе биде многу повисока, и тоа за многу години.
„Доколку Путин и другите авторитарни лидери видат дека силата победила, тие повторно ќе ја искористат за да ги постигнат своите цели. Ова би го направил нашиот свет поопасен и кревок“, предупреди тој.
Затоа е во безбедносен интерес на сите да продолжи да ја поддржува Украина.
Тој подвлече дека Русија е агресор, а Украина е жртва на агресија и дека има право да се брани и додаде дека НАТО и неговите членки помагаат да се оствари тоа право.
„Нема да има траен мир ако победи агресорот и ако угнетувањето и автократијата надвладеат над слободата и демократијата“, додаде тој.