
Фудбалската селекција на Бразил го држи рекордот по број на светски шампионски титули – пет, а во освојувањето на последните две учествуваше легендарниот Роналдо.
Како 17-годишник, идниот Ил Феномено беше дел од репрезентацијата која отиде до златото во САД под водство на Ромарио, но тој во тоа време не играше. Кога Бразил последен пат стана светски шампион, во 2002 година, тој беше најдобар стрелец на турнирот и клучен играч за националниот тим.
Во Катар Бразилците се во групата Г со Србија, Швајцарија и Камерун, а натпреварувањето ќе започне во четврток со мечот против Србите со почеток во 20 часот по средноевропско време. Пред почетокот на Мундијалот, легендарниот Роналдо одговараше на прашања на новинарите за перспективите на Бразилците:
„Историјата покажува дека кога ќе почнеме добро, тоа добро се завршува. Првиот натпревар во групата е многу важен, имаме обврска да ја победиме Србија на самиот старт. Не би требало да има проблеми во групната фаза, туку вистинското Светско првенство почнува во нокаут фазата, така секогаш зборувам. Тоа се сосема различни работи. Гледајќи го нашиот квалитет во однос на нашите ривали, не би требало да имаме проблем да ги добиеме сите три натпревари во групата“ рече тој.