Вучиќ и Курти на итен состанок кај Борел

Средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе се одржи во понеделник, јави Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на европски извори.

Иако средбата меѓу Курти и Вучиќ беше потврдена во петокот, точниот датум не беше познат бидејќи се зависеше од достапноста на страните и логистиката, додава Бета.

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ги повика Вучиќ и Курти итно да дојдат во Брисел со цел да се најде „европско решение“ за проблемот со регистарските таблички пред 21 ноември.

Владата на Косово најави дека од понеделник, 21 ноември, ќе почне да наплаќа казни за сопствениците на возила од северот на Косово кои не ги замениле српските регистарски таблички со косовски.

Како што се приближува тој датум, тензијата расте, а ЕК ја нарекува „најсериозна ситуација“ од 2013 година.