
Новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази не сака да го коментира ставот на новата амбасадорка на САД во земјава, Анџела Ангелер која го искритикува изборот на обвинителите.
Абази во телефонsки разговор за Канал 5 вели дека не сака да навлегува во такви коментари. Според новинарот Зоран Иванов, реакциите во јавноста за изборот на Абази, се индикатор за насилство, притисоци, уцени и корупиција.
Тој изразува сомнеж во изборната постапка и предлага истата да биде проверена, за да се потврдат или не, тврдењата на новиот шеф на Организиран криминал, Абази дека ќе работи професионално и чесно, без политички притисоци.
„И реакциите на дипломатите, вклучително и најдиректна и така во очи тоа ни го плесна вчера и новата американска амбасадорка. Таа само ги потсети нашите партиски моќници дека од ‘калето’ сè се гледа. Од нејзината папка со која дојде неодамна од Вашингтон има акти потпишани од претседателот на нејзината држава и за корупицијата овде и за непотизмот и за партиските влијанија, меѓу нив има секако има и црна листа на САД со непополнети имиња, па…“, вели новинарот Зоран Иванов.
Од Коалицијата „Сите за правично судење“ од каде го следеа обвинителскиот избор, велат дека реакциите за Абази следат поради недостигот на транспарентоста во изборниот процес. Изборниот модел е добар, но недостигаа биографиите и програмите за работа на кандидатите.
„Не е нормално да се сомневате дека толку голем број на обвинители би можеле да бидат под политички притисок и политичко влијание. Меѓутоа, сето тоа се должи на начинот на кој Јавното обвинителство се однесуваше изминатите десетина години наназад, со што не покажа некакво постапување со коешто ќе ја стекне довербата на јавнсота и токму поради тоа се јавуваат вакви недоумици и дури и сомнежи за корупција како што наведовте“, вели Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Вчера амбасадорката на САД во земјава, Агелер во писмен став за „360 степени“ порача дека САД се збунети од изборот на Абази, особено и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите, кои всушност самите гласаа за наслединик на Вилма Русковска.