Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето на ТВ21 не даде јасен одговор на прашањето како реагирале нашите стратешки партнери од САД околу доделувањето македонско државјанство на контроверзниот руско-украински бизнисмен Олександр Онишченко, кој е на „црната листа“ на САД поради влијание врз американските избори.
Според министерот, стратешките партнери „ќе ги добијат сите одговори“, а тој вели дека и самото лоцирање на одговорноста за случајот „Онишченко“ е „сериозен одговор“ и дека тоа „ќе го имаат како позитивно искуство во делот на функционирањето на системот“.
Спасовски вели дека пропусти се случуваат, но важно е да има одговорност.
„Секаде може да се случат одредени пропусти. Прашањето е дали тие пропусти ќе бидат оставени по страна или тие ќе бидат процесуирани. Овде одговорот е јасен и тоа директорот (Димовски) го соопштува – дека ги расчистува работиве и се преземаат соодветни мерки,“ рече Спасовски.
Тој додаде дека не сака да прејудицира околу резултатите од внатрешната истрага во АНБ.
„Едно е дисциплинската одговорност… овде треба да се види дали има и некаков друг вид на одговорност. Ако има, и таа треба да се покрене“, додаде Спасовски.