Амбасадата на САД смета дека е збунувачки изборот на Ислам Абази

Амбасадата на САД смета дека е збунувачки изборот на Ислам Абази за Јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција, изјави амбасадорката Анџела Агелер на прашањето на „360 степени“ за коментар на изборот.

„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ‘мала врата’ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“, одговорија од Амбасадата на САД за „360 степени“.

Абази на функцијата Јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција официјално стапи на 14 ноември, а во јуни беше критикуван од Советот на јавни обвинители дека додека раководел со Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар, немало ниту едно барање за конфискација на имот стекнат од криминал. Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК во јуни детали од Записник, Советот на јавни обвинители на посебна седница расправал за лошата состојба во Вишото јавно обвинителство Гостивар со кое раководеше вишиот јавен обвинител Ислам Абази. Меѓу другото, заклучено е дека ова обвинителство, нема побарано една конфискација на имот.

Абази пак, во првата изјава по победата на изборите за шеф на ОЈО за гонење организиран криминал, се пофали дека е во работна група за конфискација на имот стекнат од криминал. Кажа дека учествувал и во работни групи за изработка на други закони од кривично-правната материја. На денот кога официјално стапи на функцијата не изостанаа фалбите за него, особено од претседателот Антонио Јолевски, според кого, откако дошол Абази во ВЈО Гостивар, работата на сите 4 основни обвинителства (во Дебар, Кичево Гостивар и Тетово), драстично се подобрила. Но, според записникот (кој сега е тргнат од веб-страната на Советот), самите членови на Советот на јавни обвинители изнесуваат темелни критики за ВЈО Гостивар, под раководство на Абази.

На 7 ноември, Абази, кој беше Виш јавен обвинител на Гостивар, со гласање во Републичкото обвинителство со 66 обвинителски гласови беше избран за Јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција, на местото на досегашната шефица Вилма Русковска. За само два гласа го победи Ермонд Незири од ОЈО Скопје, за кого гласале мнозинството колеги од Скопје. Но, главните во Републичкото обвинителство, гласовите ги дадоа за Абази. Шест гласа од Републичкото за него, еден за Незири.

Веднаш по изборот тој негираше дека е член или близок со ДУИ и лидерот Али Ахмети со кого е соселанец од Зајас, туку рече дека зад него стојат 66 обвинителски гласови со кои победи на изборот, а не партија.