Моделот за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е добар, но потребно е да се прецизираат некои одредби, сметаат учесниците во дебатата за изборот на Ислам Абази за прв човек на ОЈО ГОКК во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат – директорот на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и новинарот на БИРН, Васко Маглешов.
Тие се на ставот дека непосредниот избор на шеф на ОЈО ГОКК го зголемува демократскиот капацитет на обвинителството, но мора повеќе да се работи на подобрување на интегритетот на самите обвинители.
Аврамовски рече дека самите институции во своето постапување треба да демонстрираат интегритет и примена на начелата на добро владеење кои не секогаш мора да бидат запишани во закон.
„Законите секогаш треба да бидат толкувани во насока на заштита на сите демократски вредности и принципи. Едно од оправдувањата на Советот (на јавни обвинители), на пример, зошто не беа јавно достапни биографиите на обвинителите кандидати за шеф на ОЈО ГОКК, беше затоа што тоа не е предвидено како обврска во закон“,
вели Аврамовски.
Ставот на новинарот Маглешов е дека проблемот во основа е „ѓаволски круг“, а изборот на Абази беше тест за интегритетот на сите обвинители во државата.
„Лично сметам дека моделот е добар. Оваа обвинителска демократија треба да опстои, меѓутоа проблемот во е интегритетот на самите обвинители. Треба да поразговараме кој сѐ ги бира обвинителите што тие ги бираат. Некако „ѓаволски круг“ во основа е прашањето. Меѓутоа, доаѓаме до проблемот бидејќи овој избор на обвинители беше тест за сите 160 обвинители на државата, на еден или на друг начин“,
рече Маглешов.
Адвокатката Јошевска-Анастасовска, пак, дека уште на почетокот кога изборот на непосредни избори беше само предлог, тоа сите го сметаа за демократска придобивка. Но, таа има забелешка за одлуката за шеф на ОЈО ГОКК да гласаат обвинителите од сите нивоа од цела држава.
„Можеби е најдобро обвинителите од тоа обвинителство да го бираат нивниот шеф, без оглед на тоа дали ќе дојде од нивните редови или од надвор, а не да го бираат обвинители од целата држава. Таков пример имаме во Судскиот совет каде што членот од Врховниот суд го бираат само судиите од Врховен. Некако, ми личи дека така е посоодветно, бидејќи тие, најверојатно, би можеле соодветно да знаат за таа позиција кој би имал соодветни квалификации доколку зборуваме дека на таа позиција сакаме да избереме квалитет“,
вели Јошевска-Анастасовска.
Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ се осврна и на репутацијата на обвинителството чија задача е борба против организираниот криминал и корупција, сега и во минатото. Медиумските извештаи дека Абази е близок со членови на раководството на ДУИ, смета тој, е само дел од спиралата на уривање на довербата и репутацијата на ова обвинителство.
„Постојано репутацијата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција се уништува. Прво беше со непостапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради што мораше да биде формирано Специјалното јавно обвинителство. СЈО, за жал, имаше несреќен крај, исто така, поврзан со организиран криминал и корупција. Потоа, беа политичките натегања со Законот за јавното обвинителство и борбата да се спасат предметите од СЈО, па ја имавме ситуацијата со суспендирање на основниот јавен обвинител (Русковска, н.з.) поради претресот во Финансиската полиција, односно судирот на овие две институции. И сега, конечно, го имаме изборот на новиот шеф на ова обвинителство кој од самиот старт остави голема недоверба во јавноста. Тоа, според мене, е непоправлива штета на репутацијата на ова обвинителство“,
рече Аврамовски, додавајќи дека обвинителите ќе мора да работат исклучително професионално за да можат некако да ја поправат својата репутација.
Моделот за избор на прв човек на ОЈО ГОКК беше променет во 2020 година. Тогаш, на барање на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, беше прифатено шефот да се бира од самите обвинители, што, пак, беше оригинално барање на најголемата опозициска партија за да се избегне влијание на партиите.