Ковачевски и Таравари наводно биле на гости кај Ахмети во Зајас, Алијанса демантира

Премиерот Димитар Ковачевски и в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, денеска по средбата во Владата, биле на гости кај претседателот на ДУИ Али Ахмети во неговото родно село Зајас, објави телевизијата „Алсат“, повикувајќи се на свои извори.

На средбата, според „Алсат“, се разговарало за проширување на Владата со нов партнер во насока на зајакнување на владејачката коалиција, а во очекување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, за што власта „брка“ двотретинско мнозинство од 81 пратеник.

Алијанса на Албанците реагираше по објавата на „Алсат“ дека премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на партијата, Арбен Таравари, по средбата во Владата, биле на гости кај Али Ахмети. Од партијата демантираат дека Таравари заедно со Ковачевски заминал кај ДУИ.

„По средбата со премиерот Ковачевски, Таравари замина во Полог на средби во Гостивар, Тетово и Теарце до доцна во ноќта и не можел истовремено да биде во Зајас. Во овие проблематични времиња за државата, ги повикуваме сите медиуми во земјава максимално одговорно да постапуваат по принципите на новинарската етика за верификација на изворите“, велат од партијата.