Во новогодишното обраќање папата Франциск повика да прекине насилството врз жените и рече дека тоа е навреда за Бога.
Поглаварот на Римокатоличката црква својата новогодишна проповед ја фокусираше на темите за мајчинството и жената, порачувајќи дека тие се оние кои „ги држат конците на животот“. Ја искористи можноста да упати еден од своите најсилни повици да се стави крај на насилството врз жената.
„Бидејќи мајките даруваат живот, а жените заедно го држат светот, ајде сите да вложиме поголеми напори да го промовираме мајчинството и да ги заштитиме жените. Колку насилство е насочено врз жените! Доволно! Да се повреди жена значи да се навредува Бог, кој од жена го преземал човештвото“ – истакна папата.
Тој во изминативе две години неколкупати се изјасни против семејното насилство, кое се зголеми во многу земји поради изолацијата.