Британското државно обвинителство (ЦПС) одобри седум дополнителни тужби против оскаровецот Кевин Спејси за голем број сексуални напади врз еден маж во периодот од 2001 до 2004 година, е соопштено во средата.
Новите обвиненија вклучуваат едно за наведување лице на сексуална активност без согласност, а другите за сексуален напад.
Ова следува по прегледот на доказите собрани од британската полиција.
Спејси (63) претходно беше обвинет за пет казниви дела во Британија – четири точки за сексуален напад со допирање и едно потешко обвинение за наведување лице да се вклучи во пенетративна сексуална активност без согласност.
Спејси минатиот месец во САД победи во случајот за сексуална злоупотреба кога поротниците во граѓанското судење на Менхетн открија дека неговиот тужител не го докажал своето тврдење дека Спејси се обидел сексуално да го искористи кога тој имал 14 години.