„На јавна расправа го испраќаме Законот за дополнителен данок на добивка. Тоа значи дека оние кои имаат повеќе ќе им помогнат на оние кои имаат помалку. Сметаме дека ваквиот вид данок би бил солидарен придонес“, кажа Пленковиќ на седница на владата, додавајќи дека „не станува збор за казнување на оние кои се успешни“.
Министерот за финансии Марко Приморац на конференција за медиумите ги изложи деталите на предложениот закон, наведувајќи дека тој данок пред сè е наменет за редистрибуција на профитот на даночните обврзници кои ќе остварат значително поголеми нивоа на добивка во однос на четиригодишниот просек.
Тој потсети дека во хрватскиот даночен систем за добивката веќе постојат две стапки и два прага, а со новиот данок во оваа кризна ситуација фактички се воведуваат уште еден праг и уште една стапка.
„Оние чиј приход е поголем од 300 милиони куни (39,7 милиони евра) ќе плаќаат данок на екстра профит. Тие ќе имаат стапка од 18 отсто данок на добивка, и дополнителен данок кој ќе зависи од нивото на профит во 2022 за оние што ќе бидат за 20 отсто над просекот во последните четири години“, кажа Приморац.
Според него, кога сè ќе се собере ако некому добивката во 2022 му била, на пример, 50 отсто поголема во однос на четиригодишниот просек, неговата ефективна стапка на данок на добивка би била 24 отсто, а на оној чија добивка пораснала 100 отсто во однос на последните четири години, ефективната даночна стапка ќе му биде околу 30 отсто.