Пендаровски оцени дека ова е голем удар врз кредибилитетот на АНБ, на Владата, на претседателот и на државата воопшто. Тој рече дека или за овој случај ќе извлечеме одговорност до крај или повеќе нема да не гледаат со исти очи.
Ако се утврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, е одговорен за издавањето македонско државјанство на Олександр Онишченко, нема да оди амбасадор во Париз. Но, ако се покаже дека од луѓето во четирите сектори во АНБ, некој од нив е кабает, тој мора да биде сменет и да понесе одговорност.
Ова вечерва го порача претседателот Стево Пендаровски, во гостувањето во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24. Димовски денеска не дојде да реферира за државјанството на Онишченко, седницата се одложи за в петок. Претседателот рече дека во случајот треба да се сконцентрираме на интерната истрага во АНБ, каде постојат четири сектори.
„Три се функционални, имаат засебна област во која работат. Четвртиот сектор во АНБ е за соработка со странски служби кои се наши партнери во НАТО. Тука имаме посебни тимови кои работат со сите, но најмногу со трите – четирите најсилни служби на земјите-членки на Алијансата. Ако е точно тоа што го знам, дека од сите тие сектори во АНБ, вклучително и овој сектор, тоа е голем удар за кредибилитетот за АНБ, на Владата, претседателот, државата, членката на НАТО“, смета Пендаровски.