БЕГ на Македонија и остана должна близу 5,5 милиони евра!
По превземањето на бизнисот со топлинска енергија од страна на државната компанија ЕСМ, многу малку во јавноста се зборуваше за обврските кои и останаа на приватната компанија Балкан Енерџи Груп кон Македонија. БЕГ се откажа од дејноста поради финансиски проблеми.
Балкан Енерџи Груп остана должник на државата, по основ на субвенционирани средства од страна на владата за набавка на природен гас кој е потребен за производство на топлинска енергија. Висината на долгот изнесува близу пет и пол милиони евра, а рокот до кој треба да се вратат парите во државната каса е заклучно првиот квартал од идната година.
„Врз основа на Договорот за Деловно Техничка соработка склучен во јануари 2022 година помеѓу БЕГ и ЕСМ, за грејна сезона 2021/2022, заклучно со денес, БЕГ му должи 5,452,802 евра за природен гас со кој се произведуваше топлинска енергија и за топлинска енергија. Враќањето на средствата кон ЕСМ ќе се реализира најдоцна до усвојување на годишната завршна сметка за 2022 година за БЕГ, односно март 2023 година”, велат за Денар од ЕСМ.
Од АД ЕСМ за Денар напоменуваат дека по задолжение од Владата, државната компанија ја презема дејноста и обврската за обезбедување парно греење за градот Скопје, но не го презема во пакет правното лице БЕГ ниту вработените. Но според информациите, во компаниите за топлинска енергија формирани од АД ЕСМ, по пат на огласи за вработување се примени стручни лица во минимален број кој е неопходен за задоволување на законските обврски за поседување стручен кадар за добивање на лиценците од РКЕ.
„Лицата требаше да исполнуваат услови за искуство во дејноста на производство, дистрибуција и снабдување со топлина, со стручна подготвеност и определен број на години на работно искуство во таа дејност. Тоа се вработените кои и досега ги извршувале стручните работи во системот на Топлификација, а потоа и на БЕГ, со оглед на тоа што станува збор за специфична дејност. Во втора фаза, што е тековна во моментот, дополнително ќе се вработат определен број вработени според потребите на систематизацијата на Друштвата на ЕСМ“, додаваат од ЕСМ.