Државата и граѓаните донесоа тешки одлуки и направија компромиси за да бидат дел од НАТО, а денес се пред нов предизвик со евроинтеграцискиот процес, забележа денеска американската амбасадорка во земјата Анџела Прајс Агелер на отворањето на меѓународната конференција „Објективот на младите за мир и помирување” што се одржува во Охрид во организација на Младински сојуз – Крушево, а со поддршка од Амбасадата на САД.
Агелер, која на функцијата е само осум дена, а во државата претстојувала од 2011 до 2013 година, нагласи дека граѓаните направиле повеќе од доволно за да ги отворат преговарачките процеси.
– Ако некој ми кажеше во 2013 година дека оваа земја ќе го смени своето име за да стане најновата членка на НАТО, јас ќе речев ова не е возможно. Ама го сменивте. И денес за вашата иднина и иднината на вашата генерација имате нов предизвик, а тоа е ЕУ интеграцијата. Оваа земја и овие граѓани направија повеќе од доволното за да ги отворат преговарачките процеси. Влегувањето во ЕУ ќе ја направат по просперитетна и по стабилна оваа земја, рече Агелер.
Според неа, младите во Западен Балкан се соочуваат со големи предизвици, но имаат моќ да ја подобрат состојбата во својата држава и да ги надминат предизвиците. Охрабрувајќи ги учесниците на конференцијата, посочи дека младите се интегрален дел, кој може да го направи регионот отпорен и демократски со владеење на правото.
– Морам да ве охрабрам да станете новите лидери што ќе ја креираат иднината што вие ја сакате за вашите заедници. За разлика од постарите генерации вие гледате со надеж кон иднината затоа што вие можете да контролирате кон просперитет и стабилност во регинот заради сите различности што ги има кај сите. Бидете храбри, самоуверени и имајте надеж, и дајте го својот потенцијал да го подобрите вашиот живот и животот на другите што живеат во вашите земји, рече Агелер.