Од утре парното поскапува за 14,05%
Цената на парното греење од утре, 1. јануари се зголемува за 14,05 отсто за сите корисници во главниот град.
Претседателот на РКЕ – Марко Бислимовски денеска на прес-конференција информираше дека основен критериум за формирање на цената на парното греење е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ производство му е понудена цена од 1.480 долари.
„Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас во крајната цена за парното ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената“ – рече Бислимовски.
Тој посочи дека вообичаено БЕГ давал по два милиони евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да даде 13,8 милиони евра.
Разликата во цена, како што кажа, ќе ја надополнат Владата и општините на Град Скопје.