Почнува петтиот Париски мировен форум

Лидери на голем број меѓународни организации и држави денеска ќе учествуваат на петтиот Париски мировен форум насловен „Излез од повеќекратна криза“.

Форумот е посветен на најголемите предизвици на денешницата, меѓу кои влошените климатски промени, брановите на пандемијата на коронавирусот, продлабочувањето на нееднаквоста и геополитичките конфликти со глобални последици. Исто така во фокусот ќе биде и спречување на деструктивната поларизација на светот.

На Парискиот мировен форум ќе се обратат претседателот на Франција, Емануел Макрон и претседателите на Аргентина и на Колумбија, Алберто Фернандес и Густаво Петро. Исто така ќе се обратат и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Матијас Корман, извршниот директор на Светската програма за храна, Дејвид Бисли.

На средбата, меѓу другите, ќе говорат гувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Карло Монтичели и генералните директори на Меѓународната организација на трудот и УНЕСКО, Жилбер Унгбо и Одре Азуле.

Парискиот мировен форум го започна Макрон во 2018 година, на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, со цел да се промовира мултилатерализмот.