Индонезија, домаќин на самитот на Г-20, потврди дека рускиот претседател Владимир Путин нема лично да присуствува на собирот на дваесетте најголеми економии во светот, што започнува на 15 ноември на Бали.
Москва ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, изјави за Гласот на Америка Џоди Махарди, портпарол на координативното Министерство за поморство и инвестиции на Индонезија. Путин може да „учествува онлајн на еден од состаноците“, додаде тој.
Виртуелното учество на Путин е можеби најдоброто сценарио за Џакарта, која беше под екстремен дипломатски притисок од Западот да ја отповика својата покана до рускиот лидер. Индонезискиот претседател Јоко Видодо се спротивстави на таквите притисоци и наместо тоа го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски да учествува и покрај тоа што Украина не е членка.
Амбасадорот на Украина во Индонезија, Васил Хамианин, изјави за Гласот на Америка дека претседателот Зеленски „дефинитивно“ ќе учествува, но сè уште нема потврда дали тоа ќе го стори лично или виртуелно.
Претходно оваа недела Видодо рече дека разговарал по телефон со своите колеги Путин и Зеленски и дека двајцата лидери му рекле дека ќе присуствуваат „доколку дозволат условите“, без да образложи какви би можеле да бидат тие услови.