Ќе паѓаат цените на лебот, млекото и месото
Цените на лебот, млекото и месото се очекува да паѓаат во наредните десет дена, а издатоците за струја и парно по Нова Година нема драстично да се зголемат, уверува министерот за економија, Крешник Бектеши.
„Во наредните десет дена очекуваме намалување на цените на основните прехранбени производи, посебно на тие наведени во Одлуката за утврдување на маржите од 5 до 12 отсто. И во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3-4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, а до крајот на наредната недела и намалување на цените на месните производи“, информираше денеска Бектеши.
Од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања, ако суровините останат со истите увозни цени. Тој најави дека утре ќе се донесе дополнителна одлука со која ќе се прошири списокот на дејностите кои ќе бидат поддржани од Владата согласно барањата на Стопанската комора и целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија.
„Ги повикувам потрошувачите и граѓаните, доколку утврдат дека нема намалување на овие производи согласно процентите, да пријават во Државниот пазарен инспекторат“, рече Бектеши. Тој е дециден дека од 1 јануари нема да има драстично поскапување на струјата и парното.
„Граѓаните да бидат спокојни, порача Бектеши, зашто до крајот на грејната сезона нема да имаат никаков проблем во делот на снабдувањето со топлинска и со електрична енергија“, порача министерот.
Министерот денеска ги повика УЈП и Финансиска полиција да постапат во случаите со злоупотреби што ги прават институциите и компаниите кои се префрлаат од отворен на регулиран пазар на електрична енергија, а за што било алармирано уште во март годинава. Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме од 1 декември ќе треба да ги исфрли од регулираниот пазар сите фирми и општини кои во последните седум месеци го злоупотребиле енергетскиот систем и плаќале цена како домаќинства.
Станува збор за стотина субјекти, приватни компании и јавни комунални претпријатија, кои се префрлиле од отворен на регулиран пазар. „Во Законот за енергетика не е децидно наведено дека подружница отворена од компанија не може да ја преземе одговорноста во делот на плаќање на фактури за електрична енергија, но во делот на плаќање на ДДВ мислам дека има злоупотреба и за тоа се одговорни УЈП и Финансиската полиција. Тие треба да направат соодветни контроли заради тоа што во делот на регулираниот пазар има стапка на ДДВ од 5 отсто, а на отворениот пазар од 18 отсто“, рече Бектеши.