Во Кочани промовирана книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски
Библиотеката „Искра“ од Кочани беше домаќин и организатор на промоцијата на книжевниот труд „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, посветена на 70-годишнината од раѓањето на македонскиот есеист и драмски автор Горан Стефановски.
Промотивниот осврт за книгата на младиот, но искусен и докажан автор, го направи професорката Весна Мојсовска-Чепишевска.
Нарекувајќи го „Копнежот на македонскиот Одисеј“, таа оцени дека вистинскиот предизвик за книгата авторот го нашол во отсуството на соодветна критичка валоризација од нашата книжевна наука на есеистичкото творештво на Стефановски.
„Тргнувајќи од сознанието дека на есејот треба да се гледа како на одделен жанр, при анализата на поетиката на есеистичкото творештво на Стефановски, Антоновски констатира дека неговиот есеистички текст со своите особености ги надминува досегашните теоретски одредби за есејот. Авторот користи еден хибриден теоретско-критички пристап, да може да се дојде до можни, но и до реални одговори на дел од низата прашања што ги отвори во текот на анализата, во која постојано води исклучително мудар, но и провокативен дијалог со големиот промислувач Горан Стефановски. Така оваа книга израснува во дијалог на книжевен син и книжевен татко“ – истакна Мојсовска-Чепишевска.
Во делото на Антоновски е сместен и последниот есеј на Горан Стефановски „Искрата што се измолкнува“, кој Мојсовска-Чепишевска го нарече Горанова автобиографија.