САД бараат од Приштина под итно да започне со формирање на заедница на српски општини

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер побара од властите во Приштина под итно да започнат со активностите за формирање заедница на општините со мнозинско српско население, согласно договорот што е постигнат во минатото во преговорите меѓу Косово и Србија.

Сервисот на албански јазик на Радио слободна Европа (РСЕ), објави дека Ховениер денеска на средба со новинари во Приштина го повторил и барањето до Владата на Албин Курти да го одложи спроведувањето на одлуката за замена на српките до косовски регистерски таблички.

– Бараме од Владата на Косово да прекине со казнување (на српските граѓани во северно Косово), да го продолжи за десет месеци рокот за пререгистрација на возилата и под итно да ги започне преговорите за формирање на Заедницата, го цитира РСЕ американскиот амбасадор.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, изјавата на Ховениер уследи неколку дена откако најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), објави дека Србите ќе ги напуштат државните и локалните институции, вклучително Собранието, Владата, општините, полцијата, судовите итн., во знак на протест поради одлуката за регистерските таблички.

Лидерот на СЛ, Слободан Ракиќ во саботата, на 5 октомври, порача дека бојкотот ќе трае сé до повлекувањето на одлуката за табличките и до формирањето на Заедницата.

Освен САД и официјален Брисел бара одлагање на одлуката за замена на табличките, но Курти продолжува да ги одбива нивните барања.

Опозициските партии на косовските Албанци исто така инсистираат Владата да соработува тесно и да ги координира дејствијата со Стејт департментот и со безбедносните структури на САД, како и со сојузниците од Европската унија.