Министерот за правда, Никола Тупанчески, ги видел фотографиите на новиот обвинител кој ќе шефува со обвинителите кои гонат организиран криминал и корупција Ислам Абази со челници на ДУИ. Прашан за коментар во однос дали ова веќе значи дека оваа партија има влијание врз Абази, тој рече, времето ќе покаже.
„Изјавата на мојот заменик, Нухиу, не беше дадена од Министерството за правда. Ги видов фотографиите кои имплицираат дека избраниот обвинител има комуникација со некоја политичка партија. Времето ќе биде главниот фактор кои ќе покажат дали овие хипотези имаат реална основа. Комуникацијата не може да биде исклучена, но да не биде злоупотребена“, кажа Тупанчески на семинарот ,,Превенција и спроведување на закони против корупција – перспективи од Франција и Југоисточна Европа”.
Според него, Законот за јавнообвинителска служба покажал одредени слабости кога е во прашање изборот на шеф на ОЈО-ГОКК.
„Не знам колку е благодарно да се коментираат состојбите за конкретната личност. Следејќи ги оние поставени дистинкции, сепак извршната власт е добро да се држи до своите надлежности. Не е неважно каков е изборот. Ова е трет обид за исклучување на надворешни влијанија со модел кој го тестираме. Сметам дека тој модел покажа одредени слабости“, додаде Тупанчески.
Тој веќе најави можни измени за да се пополнат недостатоците, особено во критериумите.