Министерот Османи во посета на Литванија, Естонија и Летонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи од денеска до петок ќе престојува на балтичката турнеја во чии рамки ќе ги посети Вилнус, Талин и Рига, каде на средби со неговите домаќини ќе ја реафирмира нашата поддршка за зајакнување на Источното крило на НАТО во одбрана на европскиот континент како последица на променетиот геополитички контекст, ќе го промовира европското досие на Северна Македонија, која поминува низ скрининг процесот на Унијата и ќе ги презентира приоритетите на претседавањето на земјата со Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ).

Како што соопшти МНР, во рамки на денешната официјална посета на Литванија, Османи ќе се сретен со неговиот литвански колега Габриелиус Ландсбергис и со претседателката на литванското Собранието, Викторија Ниелсен.

Шефот на дипломатијата ќе се обрати на Вилнус Форумот 2022 насловен “Иднината на демократијата”, на панелот на тема „Што ќе ја замени раздробената глобална безбедносна архитектура?”, а ќе го посети Центарот за извонредност на енергетската безбедност на НАТО.

За време на утрешната посета на Естонија, Османи ќе се сретне со естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу, како и со претседателот на естонскиот Парламент, Јури Рутас.

На маргини на престојот во Талин, планирано е Османи да го посети Естонскиот центар за меѓународен развој и Центар за извонредност за соработка во кибер одбраната на НАТО.

В петок, шефот на дипломатијата ќе престојува во посета на Летонија, каде ќе оствари средба со неговиот естонски колега Едгарс Ринкевичс и со претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, Рихард Колс. Меѓу другото, планирана е и средба со македонските војници кои се дел од словенечкиот контингент на Мисијата на НАТО за зголемено засилено присуство во Летонија.